Корисничко име Лозинка Пријави се
08.7.2013

Стоичков ја напушти ЦСКА после еден месец

Некогашниот најдобар фудбалер на Европа, Христо Стоичков, поднесе оставка на местото тренер на ЦСКА после еден месец на клупата на клубот од Софија.

Тој нагласи дека го напуштил кормилото на ЦСКА затоа што ја загубил довербата во сопствениците на клубот по нивните бескрајни лаги.
„Сит сум од сè. Заминувам“, порача кратко Стоичков во писмото кое го упати до локалните медиуми.
Тој нагласи дека на почетокот на ангажманот имал голема желба да му помогне на клубот и затоа се сложил да работи без договор.
„Ја имав поддршката на фудбалерите и на стручниот штаб. Се трудевме сè додека не ни стана јасно дека ветувањата нема да бидат исполнети“, изјави Стоичков кој не присуствувал на тренинзите на играчите последните десет дена.
ЦСКА е најуспешен бугарски клуб со 31 титула, но во последно време е соочен со сериозни финансиски проблеми.
Во обид нешто да променат, челниците на ЦСКА го викнаа Стоичков да им помогне пред стартот на новата сезона како четврти тренер од почетокот на годината.