Корисничко име Лозинка Пријави се
09.5.2013

Стилијан Петров објави крај на кариерата

Стилијан Петров, 33-годишниот бугарски фудбалер и капитен на Астон вила, кому минатата година му беше дијагностицирана акутна леукемија, објави дека ја завршува играчката кариера.

Со оглед на тоа дека повеќе од една година се бори со тешката болест, која сега е во ремисија, одлуката на поранешниот бугарски репрезентативец не е изненадувачка.
„Со тешко срце го објавувам своето пензионирање. Им се заблагодарувам на своите одлични соиграчи, на прекрасните луѓе околу мене и, најмногу од сè, на своето фантастично семејство. Ми беа силна поддршка кога најмногу ми требаа во изминатава година. Фудбалот беше уште една голема љубов и затоа тешко ми е да го напуштам, но со поддршка од семејството и пријателите ќе ми биде полесно да го оставам досегашниот начин на животот“, изјави Петров.
Тој додаде дека сега целта му е да основа фондација која ќе собира пари за рано дијагностицирање на леукемијата. Астон вила, пак, објави дека Петров ќе го предводи традиционалниот круг на благодарноста по завршувањето на последниот овосезонски домашен натпревар, во сабота против Челзи.
Петров од 1996 до 1999 година играше за ЦСКА од Софија, потоа седум години го носеше дресот на Селтик, а последните седум сезони беше член на Астон вила. За репрезентацијата на Бугарија одигра 106 натпревари и постигна осум погодоци.

Најнови вести