Корисничко име Лозинка Пријави се
24.6.2013

ЦСКА од Софија прогласи банкрот

ЦСКА од Софија прогласи банкрот и ќе побара некој клуб со кого би се соединила за следната година да може да се натпреварува во првата лига.

Најтрофејниот бугарски клуб нема да се натпреварува во Лигата на Европа наредната сезона, за која се квалификуваше со третото место во минатогодишното првенство.
„ЦСКА каква што ја знаеме веќе не постои. Почнуваме од почеток, без долгови. Сега мора да пронајдеме некој клуб кој има лиценца за првата лига со кого би се фузионирале и би останале во првата лига на Бугарија“, изјави Христо Стоичков, кој за тренер на клубот е именуван на почетокот на месецов.
Во локалните медиуми се појавија информации дека ЦСКА ќе се фузионира со четирикратниот бугарски шампион Литекс од Ловеч. Во јануари овие два клуба преговараа околу идејата за спојување за да ги намалат преголемите долгови.
Доколку не успее да најде партнер до 20-ти јули, кога почнува првенството, ЦСКА следната година ќе игра во аматерскиот шампионат. Челниците на клубот кој 31 пат ја освои шампионската титула на Бугарија соопштија дека сите акции, шест и пол милиони, ги пренесле на Христо Стоичков.
„По разговорот со Стоичков, донесовме заедничка одлука сите акции да ги префрлиме на него“, изјави Димитар Борисов.
ЦСКА веќе неколку години има финансиски проблеми, а скоро избегна и суспензија од УЕФА поради долгови од претходните две сезони.
„Црвените“ во 2008 се суспендирани од Лигата на шампионите бидејќи не успеаја да ги исполнат барањата за лиценца.
Многу бугарски клубови имаат инфраструктурни проблеми и се мачат со административните и финансиските прописи кои ги донесе УЕФА.
Лигата на нашиот источен сосед е скратена од 16 на 14 клубови бидејќи Фудбалскиот сојуз на Бугарија сака да го поправи квалитетот на фудбалот.