Корисничко име Лозинка Пријави се
07.5.2013

Вајденфелер го продолжи договорот со Борусија Дортмунд до 2016 година

Германскиот фудбалски голман Роман Вајденфелер ја продолжи соработката со бундеслигашот Борусија Дортмунд до летото 2016 година.

Триесет и двегодишниот Вајденфелер сега веќе стариот договор го врзуваше за „Сигнал Идуна парк“ до летото 2014 година, но по одличните партии оваа сезона, особено во реванш-натпреварот од полуфиналето на Лигата на шампионите, кога одбрани неколку зицери на фудбалерите на Реал Мадрид, управата на клубот одлучи да му понуди нов договор на својот голман пред крајот на сезоната.
„Многу сме среќни што Роман одлучи да го стави својот потпис на новиот договор. Тој е одличен голман, кој константно дава одлични партии. Беше една од клучните фигури во освојувањето на шампионската титула на Германија 2011 и 2012 година и, исто така, оваа година на патот до финалето на Лигата на шампионите“, изјави Михаел Цорк,спортскиот директор на клубот од Дортмунд, по што Вајденфелер се надоврза:
„Никогаш не сум ни помислил за напуштање на клубот. Она што го направивме изминативе неколку сезони навистина е величествено. Мило ми е што и понатаму ќе бидам дел од таа позитивна приказна и многу сум горд на тоа“, изјави Вајденфелер.
Вајденфелер во Борусија Дортмунд дојде во 2002 година од Кајзерслаутерн, а оттогаш настапи во повеќе од 300 бундеслигашки натпревари.

Најнови вести