Корисничко име Лозинка Пријави се
08.5.2012

Кака не сака да си оди од Реал

Бразилецот Кака не размислува за заминување од Реал Мадрид бидејќи сака да стане клучен играч на екипата.

Некогаш најдобриот играч на светот по доаѓањето во Мадрид, пред три години, не е во состојба да ја пронајде вистинската форма, а имаше и многу проблеми со повредите.
Оваа сезона конечно успеа да го освои шампионскиот трофеј во Примера лигата, за што придонесе со пет голови на 26 натпревари, 18 пати како стартер.
„Сè уште немам разговарано со луѓето од клубот за мојата иднина, бидејќи првенството не е завршено. Договорот ми истекува за три години и ќе продолжам да работам како и досега. Мурињо ми помагаше и ми даде многу шанси. Не сакам да си одам од Реал“, им кажа Кака на бразилските медиуми.
Тој додаде дека со добрите игри во клубот сака да го врати и статусот на репрезентативец на Бразил.
„Во добри односи сум со тренерот Мано Менезес. Разговаравме неколку пати, бидејќи доаѓаше во Мадрид заради Марсел и мене. Му реков дека сакам да се вратам во националниот тим, верувам дека со игрите во клубот ќе заслужам да бидам повикан“, заклучи Кака.
Овој играч за репрезентацијата на Бразил досега одигра 82 натпревари и постигна 27 голови.
Кака пред десет години со „кариоките“ ја освои титулата светски првак во Јапонија и Јужна Кореја.

Најнови вести