10.3.2012 Роберто Карлос веќе не е во екипата на Анжи
Бразилскиот одбранбен фудбалер Роберто Карлос веќе не е дел од играчкиот состав на рускиот премиерлигаш Анжи, потврди потпретседателот на клубот, Герман Чистјаков.
„Карлос повеќе не е играч во екипата. Доколку добие лиценца може да работи како тренер. Тој во моментов не е во составот на Анжи и тоа е сè што можам да кажам“, изјави Чистјаков.
Роберто Карлос не играше минатата недела во првиот натпревар по тромесечната пауза во руското првенство, а пред неколку месеци изјави дека му се ближи крајот на кариерата.
Бразилецот во Анжи дојде пред една година и беше дел од стручниот штаб на новиот тренер Хус Хидинк.