23.2.2012 Аршавин во резервите на Арсенал
Рускиот фудбалер Андреј Аршавин е деградиран со испраќањето во резервната екипа на Арсенал, а медиумите шпекулираат дека наскоро би можело да му се придружи на поранешниот руски селектор Гус Хидинк во Анжи.
Долго време се зборуваше за незадоволството на Арсен Венгер, тренерот на Арсенал, од настапите на Аршавин за лондонската екипа, а потврда за таквите претпоставки стигна во вторникот, кога од Арсенал, без дополнителни објаснувања, објавија дека рускиот напаѓач му се става на располагање на резервниот тим.
Покрај скапо платениот Мароканец Маруан Шамах, како и израелскиот зајмен играч за врска Јоси Бенајун, 30-годишниот Аршавин ги предводеше резервите на Арсенал во победата над, исто така, резервната екипа на Норвич од 5-0 постигнувајќи два погодоци.
Руските медиуми веднаш ја донесоа информацијата дека до крајот на преодниот рок, кој во Русија завршува утре, Аршавин би можело да ги засили редовите на богатиот Анжи од Махачкала, на чија клупа минатата седмица седна поранешниот руски селектор, холандскиот тренер Гус Хидинк.
Аршавин во 2008 година стигна во Арсенал од Зенит, а во 133-те натпревари за „топчиите“ постигна 30 погодоци. И Зенит се спомнува како можна дестинација на Русинот, кој би заминал во Санкт Петербург како позајмен фудбалер до крајот на пролетната полусезона.