Корисничко име Лозинка Пријави се
18.8.2018

Емери до Озил: Играј и одбрана, или ќе седиш на клупа

После критиките кои ги трпеше дека не се залага во дресот на германската репрезентација, сега плејмејкерот го напаѓаат и во Арсенал

Арсенал се обидува да го извлече максимумот од својата ѕвезда во средниот ред, Месут Озил, и од него се бара да помага во одбраната кога тоа е потребно, а и потенцијалот што го има, да го покажува почесто. 
Тренерот Унаи Емери смета дека 29-годишниот Озил треба да биде поконстантен, но тоа е негова слабост уште од времето кога играше за Реал Мадрид. Откако „кралевите“ го продадоа Озил, освоија четири европски титули, а со него во составот, ниту една.
На Озил летово не му е лесно. Тој се повлече од националниот тим после СП, откако го критикуваа дека не дава максимум и дека повеќе на срце му е Турција отколку Германија. Во првото коло од Премиерлигата против Манчестер сити, никаде го немаше на терен.
„Озил цела кариера игра како зад главниот напаѓач, или како десно крило, со влегување во средина да ја прими топката. Му треба топката в нозе за да му даде на тимот повеќе опции во нападот. Но, истотака сите играчи, па и тој, мора да помагаат во одбраната. Месут нема да ја менува позицијата, но кога тимот се брани и тој треба да го прави тоа“ – рече Емери. 
Денеска Арсенал игра дерби со Челзи, па ќе се види дали Озил ќе смени нешто во пристапот, а Нванкво Кану, кој е екс член на „топчиите“, смета дека Месут не е играч кој треба да игра одбрана. Пораката на Кану до Арсенал е: „Или прифатете го таков каков што е, или продадетете го“.

Најнови вести