Корисничко име Лозинка Пријави се
10.6.2017

Кливленд со рекорди конечно ги запре Вориорс

Кливленд кавалирс конечно успеа да го победи Голден стејт вориорс со 137:116, му ја прекина серијата од 15 победи во плејофот и ја смали предноста на противникот во финалната серија на 3-1.

Знаејќи дека нема што да загубат, кошаркарите на шампионот силно го почнаа натпреварот и брзо стигнаа до двоцифрена предност, 16:5.
Во средината на првата четвртина домаќинот имаше и плус 16 и продолжи со ефикасната игра, па успеа да го урне рекордот во НБА финалињата со вкупно 49 поени во првата четвртина.
Со доминацијата на Леброн Џејмс, Кајри Ирвинг и Кевин Лав во втората четвртина стигнаа и до плус 20. На Голден стејт му фалеа поените на Стеф Кари, а Ирвинг и Џејмс имаа фантастиечн процент на шут.
На крајот на полувремето резултатот беше 86:68 и Кливленд го урна рекордот на Филаделфија во постигнати поени за едно полувреме во финалната серија.
Во третата четвртина која ја обележа голема напнатост и бројни технички грешки шампионот успеа да ја задржи големата предност.
Падна уште еден рекорд на финалињата кога Корвер ја погоди 19-тата тројка за домашниот тим.
Голден стејт последната четвртина ја почна со серија 8:0, но Ирвинг имаше одговор и го врати својот тим на плус 16 поени.
Тројката на Кавалирс доминираше до крајот на натпреварот, па Леброн забележа трипл дабл (31 поен, 10 скокови и 11 асистенции), Ирвинг постинга 40 поени со седум скокови и четири асистенции, а Лав додаде 23 поени, пет скокови и една асистенција.
Кај гостите најдобар беше Кевин Дурант со 35 поени, четири скокови и исто толку асистенции.
Петтиот натпревар од финалната серија се игра на 13 јуни на теренот на Голден стејт.

Најнови вести