Корисничко име Лозинка Пријави се
01.5.2014

Дантони поднесе оставка во Лејкерс

Мајк Дантони, досегашниот тренер на кошаркарите на Лос Анџелес лејкерс, поднесе оставка на таа функција, соопштија од клубот.

Дантони во 2012 година ги презеде Лејкерс, но една година пред истекувањето на договорот одлучи да поднесе оставка, откако од челниците на Лос Анџелес побара продолжување на соработката со клубот, но управата не му излезе во пресрет.
Тој во текот на својот мандат во клубот победи само на 67 од 154 натпревари, па управата на Лејкерс не сакаше да му го продолжи договорот.
Оваа сезона Дантони со клубот имаше скор од 27 победи и 55 порази, што е најлош резултат во историјата на клубот.
Лос Анџелес лејкерс во претходните две сезони имаа многу проблеми со повреди, а генералниот менаџер на клубот Мич Купчак оцени дека ниту еден друг тренер не би имал подобар скор од Дантони.
„Поради сите овие околности коишто се случуваа во текот на неговата ера, не гледам дека некој друг би завршил подобра работа од Мајк. Во името на клубот, му се заблагодарувам за неговата работа, професионализам и позитивниот пристап што му го донесуваше на тимот секој ден. Му посакувам многу среќа понатаму во кариерата“, изјави Купчак.
Дантони беше четврт тренер на Лејкерс за помалку од три години, а Купчак наведе дека клубот веќе почнал да бара нов тренер.


Најнови вести