Корисничко име Лозинка Пријави се
26.11.2013

Коби уште две години во Лејкерс

Коби Брајант и Лос Анџелес лејкерс ја продолжија соработката уште за две години. „Езерџиите“ не ги објавија финансиските услови, но се верува дека е потпишан договор вреден 48,5 милиони долари.

Триесет и петгодишниот Брајант со тоа ќе остане најплатениот играч во НБА-лигата, бидејќи во првата сезона, наводно, ќе инкасира 23,5, а во втората 25 милиони долари.
Со овој договор на Лос Анџелес му останаа доволно пари во буџетот за да може следното лето да потпише со некој од слободните играчи, меѓу кои ќе бидат и Леброн Џејмс и Кармело Ентони.
Американските медиуми наведуваат дека сопствениците на Лејкерс сакале да потпишат нов договор пред неговото враќање на теренот, по повеќемесечната пауза, за да покажат колку е значаен за тимот.
„Ова е голем ден за навивачите и за екипата. Говоревме дека нам приоритет ни е Коби да ја заврши кариерата во Лејкерс, а овој договор треба да го потврди тоа“, изјави генералниот менаџер Мич Купчак.
„Да се игра 20 години во НБА-лигата, и сè уште во истиот тим, без преседан е голем успех. Сепак, најважно е тоа што еден од најдобрите играчи на светот ќе остане „езерџија“ и дека во наредните години ќе одигра одлични партии“, додаде Купчак.
Брајант, кој го предводеше Лос Анџелес лејкерс до пет шампионски прстени, на својот профил на „Твитер“ стави слика од договорот.
Коби е најдобар стрелец на Лејкерс на сите времиња, а четврти во историјата на НБА-лигата.

Најнови вести