Корисничко име Лозинка Пријави се
15.2.2016

Западот можеше до 200, историски меч во Торонто

Кошаркарите на селекцијата на Западната конференција го победија Истокот со 196-173 на спектакуларниот Олстар викенд во Торонто.

Олстар натпреварот кој по прв пат се играше надвор од САД го обележа и легендарниот кошаркар на ЛА лејкерс Коби Брајант за кој ова беше последен во кариерата.
МВП на натпреварот беше плејмејкерот на Оклахома Расел Вестбрук кој успеа да биде прв играч од 1959 година кој две години по ред го добива ова признание.
Синоќа беа постигнати најмногу поени од кога се игра Олстар мечот и натпреварот изобилуваше со атрактивни потези, забивања и голем број удари за три поени.
„Беше забавно. Имав задоволство да играм со тие момци, да се смеам и шегувам со нив на клупата“, изјави Брајант, кој постигна 10 поени и стигна до вкупно 290 на натпреварите на сите ѕвезди.
Вестбрук беше најефикасен со 31 поен, осум скокови и пет асистенции и украдени топки. Најдобриот играч во НБА во моментов Стеф Кари додаде 26 со шест асистенции и пет скокови, Ентони Дејвис застана на 24, еден повеќе од Кевин Дурант.
Во „Ер Канада центарот“ беше одигран одличен натпревар на кој беа оборени многу рекорди - Западот во третата четвртина постигна 53 поени што е најмногу до сега, а на полувремето беа постигнати 182 коша, повеќе од последните две години.
Најдобрите кошаркари на светот на крајот застанаа на 369 коша, а момците од западот можеа лесно да бројат до 200. Освен по бројот на поени, поставен е и нов рекорд од 82 коша од игра, како и 31 тројка од 80 обиди.
Свое шоу имаше и феноменалниот Пол Џорџ кој за еден поен не го израмни рекордот на Вилт Чемберлен - кошаркарот на Индијана заврши со 41 поен и пет скока, а постигна и 9 тројки од 19 обиди, што не му успеало никому на Олстар натпреварот.
Претходниот ден најдобар „тројкаш“ стана Клеј Томпсон, во забивање титулата ја одбрани Зек Лавин, а во вештините победи Карл Ентони Таунс.

Најнови вести