Корисничко име Лозинка Пријави се
21.8.2018

Во белградска Арена ќе се играат НБА-мечеви?

Со добар маркетинг и позитивни препораки од српските кошаркари, можно е да се донесе НБА во Белград, смета директорот на Арената

Новиот директор на „Штарк арената“ во Белград, поранешниот кошаркар Горан Грбовиќ, амбициозно најавува дека би сакал во најголемата сала на Балканот да се играат натпревари од регуларната сезона во НБА-лигата. Грбовиќ пред еден и пол месец беше именуван за директор на салата и веднаш си постави високи цели и планови.

„По фајнал форот на Евролигата, кој се одржа во мај, лично би сакал во Арена да се одигра еден НБА-меч. Нема да ни биде лесно, но објектот ги исполнува сите услови за одржување на еден таков спектакл. НБА-лигата инсистира на промоција секаде во светот, официјални мечеви веќе се играа во Кина, Јапонија, Лондон, Мексико. Ќе аплицираме и ќе сторам сè што треба да влеземе во потесниот круг на кандидати за организирање на еден натпревар од НБА. Многу српски кошаркари играат таму и со добар маркетинг и позитивни препораки, ќе се обидеме да ја донесеме НБА во Белград“, вели Грбовиќ во интервју за „Блиц“.

Грбовиќ смета дека тоа не е нереално и дека имаат една година да работат на промоцијата. Кошарката е популарна во Србија. Од Олимпискиот комитет на нашиот северен сосед најавија дека сонуваат Белград еден ден да стане домаќин на Олимписки игри. 

 

Најнови вести