Корисничко име Лозинка Пријави се
09.6.2018

Голден стејт со „метла“ ја одбрани титулата во НБА

Голден стејт вориорс ја одбранија шампионската титула во НБА и ја продолжија својата доминација совладувајќи го Кливленд во финалната серија со 4-0. Четвртиот дуел го завршија со убедливи 108:85.

Исходот на четвртиот дуел беше познат уште во третата четвртина, кога Вориорс стекнаа предност од 20 поени.
Голден стејт дојде до шестата титула во историјата на франшизата и по бројот на трофеи се изедначи со Чикаго булс. Вориорс се деветти тим во историјата кој финалната серија ја доби со максимални 4-0, прв од Сан Антонио во 2007 година, исто така во средбата со Кавалирс.
За Леброн Џејмс ова можеби беше и последен натпревар во дресот на Кливленд, со кого го изгуби и четвртото финале на НБА, а вкупно шесто во кариерата.
Стефан Кари го предводеше тимот на новиот/стариот шампион со 37 поени, од кои седум тројки, Кевин Дурант дојде до трипл-дабл од 20 поени, 12 скока и десет асистенции.
Втора година по ред, Дурант ја доби наградата за најкорисен играч на финалето. Андре Игудала имаше 11 поени, Клеј Томпсон десет, Дрејмонд Грин девет поени и девет асистенции.
Кај поразените, Леброн Џејмс постигна 23 поени, седум скокови и осум асистенции, Кевин Лав 13, по десет постигнаа Родни Худ и Џеј Ар Смит.

Најнови вести