Корисничко име Лозинка Пријави се
08.3.2017

Историја: Дирк Новицки ја премина границата од 30.000 поени

Славниот германски кошаркар Дирк Новицки го водеше неговиот Далас мавериск до победа над Лос Анџелес лејкерс (122:111), но притоа ја премина и границата од 30 илјади постигнати поени во НБА-лигата, што освен нему, тоа им успеа само уште на петмина легендарни кошаркари.

Новицки во натпреварот со Лејкерс постигна 25 поени, со шут од игра 9-13, 3-4 за три поени, 4-4 фрлања од линијата, а до дабл-дабл дојде со 11 скокови. На неговото конто сега има вкупно 30.005 поени во кариерата во НБА-лигата, додека пред него се: Вилт Чембрлен (31.419), Мајкл Џордан (32.292), Коби Брајант (33.643), Карл Мелоун (36.928) и на првото место Карим Абдул-Џабар (38.387).
„Сето ова по малку е нереално – 30.000 поени е нешто неверојатно, навистина многу поени. Ова беше неверојатно возење, а се надевам дека ќе има уште неколку погодоци пред полека да одјавам во залезот на сонцето. Исто така, логично е секое големо достигнување да влијае на нас и на сите оние коишто на тој пат ви помагале, биле покрај вас цело време... Почнувајќи од Холгер, сите останати тренери, претседателот на клубот Мајк Кјубан, па сè до соиграчите, навивачите... Посебно навивачите, кои со мене поминаа сè...“, изјави Дирк. 
Кога Германецот го постигна 30.000-от поен, во центарот „Американ ерлајнс“ во Далас завладеа големо славење, а посебно беше трогателна реакцијата на Холгер Гешвинднер, тренерот, ментор и пријател на Дирк, кој заплака.

 

Најнови вести