Корисничко име Лозинка Пријави се
19.7.2012

ЛА Лејкерс го доведе Џејмисон, следен е Хауард?

Лос Анџелес лејкерс по Стив Неш, договорија соработка и со искусниот Антоан Џејмисон. Ветеранот потпиша едногодишна соработка со „езерџиите“, по двете сезони поминати во Кливленд.

Сепак, покрај 36-годишниот играч, Лос Анџелес лејкерс наскоро би можел да добие многу звучно засилување. Станува збор за првата ѕвезда на Орландо, Двајт Хауард. Моќниот центар на „магичните“ веќе некое време се поврзува со заминување од Флорида. И додека како најреална опција се споменува трејд во Бруклин, се шпекулира и за преминување во Лос Анџелес.

Во намерата да се дојде до Ол стар-играчи, „езерџиите“ во работата би можело да го вклучат и Кливленд, од кого го доведоа Џејмисон. Иако сè уште нема официјални потврди, на видик е голем трејд. Кливленд би го добил Ендрју Бајнам, Хауард би го задржал дресот на Лејкерс, додека на пат за Орландо би тргнале Андерсон Варежао и Тристан Томпсон, со префрлување на правата уште на неколку пикови.

Во прилично сложената ситуација се чини дека, сепак, многу од тоа ќе одлучат и разговорите со Бајнам, кој од клубот ќе бара максимално продолжување на договорот. Доколку тие договори пропаднат, изгледа дека сè е отворено за селидба на Хауард на спротивниот крај на САД.

Најнови вести