Корисничко име Лозинка Пријави се
12.12.2012

Коринтијанс минимално против Ал-Ахли за финале

Бразилскиот Коринтијанс е првиот финалист на Светското фудбалско клупско првенство, кое оваа седмица се игра во Јапонија. Коринтијанс минимално со 1-0 славеше против Ал-Ахли.

Победникот на Копа Либертадорес, кој на ова натпреварување игра по прв пат откако го освои првото издание пред 12 години, славеше против шампионот на Египет и на африканското издание на Лигата на шампионите со погодокот на Хосе Паоло Гереро во 30-тата минута на првиот дел од средбата.
Поранешниот напаѓач на Баерн од Минхен рутински погоди со глава откако милиметарски прецизно беше проигран Даглас.
Коринтијанс во првиот дел беше многу подобра екипа од Ал-Ахли, но во продолжението африканскиот шампион беше подобар и имаше неколку одлични шанси за изедначување во самиот крај на натпреварот. Најдобри шанси имаа Рами Рабија, Валид Солиман и Ахмед Фати, но нивните удари за малку не завршија во голот.
Коринтијанс во финалето ќе игра против подобриот од вториот полуфинален дуел меѓу англискиот Челзи и мексиканскиот Монтереј, кој се игра утре.

Најнови вести