05.10.2011 Преговорите прекинати, претсезоната на НБА откажана
На последниот состанок во Њујорк, челниците на НБА-лигата, сопствениците, играчите и претставниците на Унијата не постигнаа договор.
Комесарот Дејвид Штерн ја откажа претсезоната, а доколку не се најде решение
за овој сложен проблем до крајот на неделава, ќе следува и одложување на
натпреварите од новата сезона, која треба да почне од ноември.
„Играчите бараа да се распредели приходот на 53/47, а сопствениците
обратно. Поставив прашање дали на двете страни ќе им одговара 50/50? Тоа не
беше прифатено, па затоа моравме да ги прекинеме преговорите. По четири часа
повеќе немаше смисла да продолжиме да разговараме, затоа што очекувавме
напредок. Потребни се нови идеи и концепти. Во моментов немаме план“, заклучи
Штерн.
Нов состанок не е закажан, што оди во прилог дека НБА нема да стартува на
време. Последен пат вакво нешто се има случено во сезоната 1998/99, кога се
одиграа само 50 од вкупно 82 натпревари, а изостана и Олстар-натпреварот.
„Ова ќе биде огромна штета. Може да се очекуваат големи загуби. Разочаран
сум од ваквиот исход. Мислев дека понудата 50/50 има смисла, дека ќе биде
прифатена како појдовна точка за понатамошните преговори“, рече Адам Силвер,
висок НБА-претставник.
Играчите понудија намалување на вкупниот приход од 57 на 53 отсто и
најавија дека сопствениците би заработиле дополнителни милијарда долари во
следните шест години.
„Не најдовме излез. Ова дефинитивно не беше ден за преговори. Јазот остана
голем. Нашиот проект не е само за денешните кошаркари, туку проект за
иднината“, истакна Дерек Фишер, претседателот на Асоцијацијата на играчите.
На состанокот присуствуваа и ѕвездите Коби Брајант, Пол Пирс, Кевин Гарнет,
Амари Стадемаер итн.