30.5.2018 Кливленд ослабен на стартот на финалната серија
Кевин Лав, крилниот кошаркар на Кливленд кавалирс, најверојатно нема да биде подготвен за првиот натпревар од финалето на НБА-лигата против Голден стејт вориорс, пренесува ЕСПН.
Лав во шестиот натпревар од финалната серија на Источната конференција се здоби со потрес на мозокот и го пропушти одлучувачкиот дуел против Бостон, кој неговиот тим го доби на гостински терен во Масачусетс со 87:89.
Лав, кој е еден од најдобрите играчи на Кавалирс, се повреди во воведните минути по контактот со Џејсон Тејтум.
Дваесет и деветгодишниот кошаркар во 17 натпревари од плејофот просечно постигнуваше по 13,9 поени, десет скока и 1,6 асистенции.
Првиот натпревар од финалната серија се игра во петок, на први јуни, во три часот по полноќ.