29.7.2015 Мексиканците го отпуштија селекторот Ерера
Мигел Ерера, селекторот на фудбалската репрезентација на Мексико, доби отказ само по два дена откако со националниот тим го освои трофејот на Голд купот.
Ерера го предводеше Мексико до рекордната седма титула во првенството на Северна и Средна Америка и Карибите.
Мексиканскиот фудбалски сојуз на неочекуваниот прекин на соработката се одлучил поради инцидентот на аеродромот во Филаделфија, каде што Ерера го удрил Кристијан Мартиноли, коментаторот на ТВ Астека, незадоволен од критиките на негова сметка во текот на турнирот.
Мартиноли во понеделникот изјави дека темпераментниот 47-годишен селектор му се заканувал и го удрил во пределот на вратот.
Мексико во финалето на Голд купот ја победи Јамајка со 3-1 и ја освои рекордната седма титула.
Најдобрите мексикански фудбалери Ерера ги водеше од 2013 година, а со националната репрезентација стигна до осминафиналето на минатогодишното Светско првенство во Бразил.