Корисничко име Лозинка Пријави се
24.6.2014

Ковач: Главата горе, си одиме дома

Нико Ковач, селекторот на Хрватска, по елиминацијата на Мундијалот, изјави дека Мексико бил подобар и дека неговиот тим паднал во второто полувреме.

Хрватска беше поразена од Мексико со 3-1, па со една убедлива победа и со два убедливи порази се враќа дома.
„Мексико се воздржуваше од пресинг, знаеја дека со тоа им се заканува контра. Не знам зошто паднавме во второто полувреме, дали физички, дали нè возеа лево-десно, не знам, но беа подобри од нас и секоја им чест. Ние сакавме голови од прекин, но тие ги постигнаа“, изјави Ковач.
Ковач натпреварот го почна во необична формација, со Даниел Прањиќ на местото играч за врска од задниот ред, иако тој по природа е лев бек.
„Игравме 4-1-4-1, имавме проблеми по таа страна, сакав Олиќ да го ослободам од одбранбените задачи. Тогаш го внесов Ковачиќ, но тоа не даде резултат. Во првото полувреме игравме добро во одбраната, но во финишот и самите видовте што се случи“, додаде селекторот на Хрватска.
Хрватските новинари очигледно не се задоволни од експериментот со Прањиќ на местото играч за врска од задниот ред, па прашуваа дали можеби би требало тука да ги жртвува Модриќ, Ракитиќ и Перишиќ.
„Кога резултатот е добар, сите фалат, кога губиме, критикуваат. Јас тоа така го видов. Не бевме толку слаби како што кажува резултатот. Не можам сега да размислувам дали требало нешто да менувам пред или подоцна. Императив ни беше да победиме, моравме да менуваме нешто, но не успеавме“, додаде хрватскиот селектор.
„Мексико беше подобар, и тоа мораме да го признаеме. Го дадовме максимумот, повеќе не можевме. Им благодарам на сите што дојдоа во далечниот Бразил, не беше лесно. Главата горе, си одиме дома“, изјави Ковач.

Најнови вести