Корисничко име Лозинка Пријави се
03.7.2017

Германија го освои и Купот на конфедерациите

Репрезентацијата на Германија го освои и Купот на конфедерациите откако во финалето во Санкт Петерсбург го победи Чиле со 1-0.

Единствениот гол на натпреварот го постигна Ларс Штиндл во 20-тата минута по асистенција на Тимо Вернер.
За Германија ова е прв трофеј во Купот на конфедерациите, традиционален турнир во земјата на домаќинот на следното Светско првенство.
Актуелниот светски шампион поведе во 20-тата минута по кардиналната грешка на Дијас во шеснаесетникот која ја искористи Вернер, ја освои топката и несебично го проигра Штиндл кој ја затресе мрежата.
Чиле во продолжението на натпреварот беше подобар ривал, имаше неколку добри шанси, но голманот на Германците Марк-Андре Тер Штеген остана несовладан. 
Шанси за Чиле пропуштија Артуро Видал во петтата минута, Едуардо Варгас во финишот на првото полувреме како и Анхело Сагал и Алексис Санчес во завршницата на мечот.
Во вториот дел првото возбудување се случи во 56-тата минута кога Германците преку Дракслер можеа да го зголемат водството, но неговиот удар заврши покрај голот.
Три минути подоцна настана мешаница во која учествуваа Кимих и голманот на Чиле Браво, а се вмеша и Артуро Видал, по што тројцата добија жолти картони.
За разлика од првата средба меѓу овие две репрезентации во групната фаза која заврши 1-1, Чиле не успеа да постигне гол, па избраниците на Јоаким Лев до крајот лесно ја зачуваа стекнатата предност од првото полувреме за победа и прв трофеј на овој турнир.
На натпреварот за третото место Португалија со 2-1 го совлада Мексико по продолжение. Пепе во 90-тата минута го израмни резултатот по автоголот на Нето во 55-тата минута, а Адриен Силва во 104-тата минута од пенал ја донесе бронзата за европскиот шампион.

Најнови вести