Корисничко име Лозинка Пријави се
25.4.2013

Дракслер прв кандидат за наследник на Гетце во Борусија

Заминувањето на Марио Гетце во Баерн Минхен ова лето ќе ги остави челниците на Борусија Дортмунд во многу непријатна позиција. Во сопствените редови немаат вистинска замена за 20-годишниот офанзивен играч за врска, така што ќе мора да купуваат.

Со 37 милиони евра, колку што ќе добијат од Баерн, како и заработката од Лигата на шампионите, на „милионерите“ им се отвораат повеќе можности, а според пишувањата на „Кикер“, спортскиот директор Михаел Цорк веќе го составил списокот на кандидати за наследник на Гетце. На прво место, наводно, е талентираниот 19-годишен играч за врска на големиот ривал Шалке – Јулијан Дракслер.
Момчето зад себе веќе има четири настапи за германската репрезентација, а оваа сезона во Бундеслигата постигна осум погодоци и двапати асистираше. Договорот со Шалке го врзува до 2016 година, а „Кикер“ пишува дека би чинел околу 20 милиони евра.
Во Борусија дури размислуваат и за враќање на Шинџи Кагава, кој минатото лето го напушти Дортмунд и премина во Манчестер јунајтед. Иако во дресот на „црвените ѓаволи“, дел поради повреда, не го собра очекуваниот број настапи, „Кикер“ пишува дека враќањето во Дортмунд сепак не е реално бидејќи Алекс Фергусон има големо почитување кон Јапонецот.
Уште едно име кое се споменува е Белгиецот Кевин де Бројне, играчот за врска на Челзи кој оваа сезона игра на заем во Вердер Бремен. Во игра е и Кореецот Сон Хонг-Мин од Хамбургер, а „Кикер“ го споменува и Леон Горецка од второлигашот Бохум. Но тој, сепак, би бил решение за во иднина, а не моментно засилување.

Најнови вести