25.2.2013 Баерн го лови рекордот на Борусија Дортмунд
Одличните игри на фудбалерите на Баерн Минхен на стартот на пролетниот дел на Бундеслигата можно е следниот викенд да им донесат изедначување на еден голем рекорд.
Доколку екипата на Јуп Хејнкес идната недела го совлада Хофенхајм, ќе го стигне рекордот кој минатата сезона го постави Борусија Дортмунд, а се однесува на бројот на последователни победи на стартот на втората половина на германското првенство. Фудбалерите на Дортмунд на патот до ланската титула во стартот на пролетниот дел на сезоната тргнаа со седум триумфи по ред. Тогаш Борусија го сруши рекордот на Баерн, кој во сезоната 1998/99 имаше шест победи во низа.
Само една година подоцна „баварците“ имаат шанса да го вратат рекордот во своја сопственост. Поточно, следниот викенд можат да го изедначат, па доколку го совладаат Хофенхајм, следната седмица на својата „Алијанц арена“ против Фортуна Диселдорф ќе може да станат самостојни рекордери со осум победи по ред на стартот на пролетната полусезона.