Корисничко име Лозинка Пријави се
11.2.2013

Нигерија нов африкански шампион

Нигериската фудбалска репрезентација во финалето на 29-от Африкански куп на нациите ја победи Буркина Фасо и по трет пат стана шампион на Црниот континент.

Нигерија последен пат шампионската континентална титула ја освои во 1994 година. Тогаш во победничката екипа капитен беше денешниот селектор Стефан Кеши, кој вчера стана втор човек во историјата, по Египќанецот Махмуд Ел-Гохари, кој дојде на африканскиот трон и како играч и како тренер. Буркина Фасо, пак, по прв пат во историјата играше во финалето, но не успеа да ја повтори ланската сензација на Замбија.
Нигерија во финалето мораше да игра без својот најдобар стрелец, повредениот Емануел Еменике, но навреме закрепна крилниот играч на Челзи, Виктор Мозес. Тој во 40-тата минута шутираше кон голот, а топката по одбивањето ја прифати Сандеј Мба. Потоа одлично се реши од соперничкиот одбранбен играч и со левата нога ја испрати топката во голот на Дауда Дијаките.
На крајот се покажа дека тоа беше клучен момент на натпреварот кој на Нигерија ѝ ја донесе третата титула. Повеќе имаат само Египет (7), Камерун (4) и Гана (4).

Африкански куп на нациите, финале:

Нигерија – Буркина Фасо 1-0 (Мба 40 минута)

Најнови вести