23.8.2012 Муту ќе потпише за Ажаксио
Проблематичниот романски играч Адријан Муту кариерата ќе ја продолжи во францускиот Ажаксио, пренесоа локалните медиуми.
Муту го раскина договорот со Чезена и следната седмица би требало да дојде на Корзика и да ја договори соработката со новиот клуб.
„Адријано вчера ми се јави и ми рече дека ја раскинал соработката со Чезена. Во понеделник ќе биде овде, а во вторник очекуваме да ги помине медицинските тестови и да потпише двегодишен договор“, рече претседателот на клубот Алан Орсони, а пренесе спортскиот дневник „Л’Екип“.
Муту во текот на кариерата играше за Челзи и неколку италијански клубови, а најголем успех имаше носејќи го дресот на Парма и на Фиорентина.
Романскиот интернационалец беше суспендиран поради користење кокаин во 2004 и во 2010 година, кога како член на Фиорентина беше позитивен на допинг-тестот.
Минатата сезона постигна осум голови на 28 натпревари, но тоа не ѝ помогна на Чезена да остане во Серија А.