Корисничко име Лозинка Пријави се
09.3.2012

Гатузо конечно подготвен за враќање

Фудбалерот од средината на теренот на италијанскиот шампион Милан, триесет и четиригодишниот Џенаро Гатузо, призна дека во текот на долгата пауза поради повредата на очниот нерв помислил да се пензионира од фудбалот.

Гатузо долго се опоравуваше од опасната и незгодна повреда на окото поради која го пропушти досегашниот тек на сезоната. Настапи само на првиот натпревар од Серија А против Лацио на „Сан Сиро“ во септември лани, кога фатално се судри со соиграчот Алесандро Неста. Се врати накратко на тренинзите кон крајот на минатата година, па и заигра на еден подготвителен натпревар, но кратко по тоа му беше дијагностицирана миастенија, автоимуна невромускулна болест.
Пред неделниот натпревар против Лече Гатузо потврди дека е подготвен за враќање во натпреварувачки ритам.
„Враќањето во акција беше мојот сон последните неколку месеци. Фудбалот повеќе ми недостасуваше мене отколку јас нему. Во последно време многу патев и мислев дека нема никогаш да се вратам. Се надевам дека сето тоа е зад мене. Помислував во тој тежок период и да заминам во пензија, но ова може да ми ја продолжи кариерата. Тренирав со екипата последните десет денови и мислам дека можам да одиграм 30-ина минути, но за тоа ќе одлучи тренерот“, изјави Гатузо.

Најнови вести