09.8.2018 Кадетите дадоа отпор против Русија
Селекцијата за играчи до 16 години, со пораз тргна на Европското првенство Б дивизија во Сараево
Македонскиот национален тим за кошаркари до 16 години, со пораз стартуваше на Европското првенство Б дивизија во Сараево, откако попладнево загуби од Русија со 69:75. Средбата која се одигра во салата на СЦ „Хаџиќи“ во Сараево, беше интересна, двете репрезентации имаа по две четвртини. Русите беа подобри во првата и третата, а Македонија во втората и последната.
На 49,8 секунди до крајот, Македонија со тројка, намали на 69-70. Русите поентираа после офанзивен скок, нашите преку Лука Савичевиќ не успеаја со тројка да изедначат, а откако противникот ја фати топката, Гоце Петрушевски спречи контра со фаул, кој судиите го окарактеризираа како неспортски. Руската репрезентација го искористи подарокот и дојде до конечни 75:69.
Во тимот на селекторот Александар Јованчев, се истакнаа Марио Миловановиќ со 20 поени и 10 скока, и Петрушевски со 12 поени, и по седум скока и асистенции, и шест освоени топки. „Жолто-црвените“ имаа 22 скока помалку, а погодија и само 11 од 23 слободни фрлања, па статистички, тоа беа најголеми проблеми.
Утре од 14.15 часот, Македонија игра со Белгија, кој во првото коло беше убедлива против Данска.