11.9.2018 Финансиско освежување пред гостувањето во Косово
Репрезентативците денеска ги добија премиите за успешниот прв претквалификацски циклус
Најдобрите македонски кошаркари денеска ги добија премиите кои ги заработија во претходниот претквалификациски циклус, кога беа подобри од Швајцарија и Словачка, па ќе имаат мотив плус да се потрудат да ја минат и наредната фаза во која ривали им се Косово и Романија.
Македонската репрезентација, со натурализираниот Ричард Хендрикс во составот и со останатите 11 избраници на Јорданчо Давитков, в четврток вечер гостува кај должникот Косово. Иако националниот тим е доста изменет во однос на оној што минатото лето на Илинден гостуваше во Приштина, сега е поискусен и подобро покриен на клучните позиции.
Желбата да се совлада соседот е голема, но нема да биде лесно, а сите кои играа лани, кога потфрливме во првото полувреме, го знаат тоа. Сега атмосферата во селекцијата е подобра, играчите имаат искуство плус, и тоа треба да донесе поповолен резултат за зголемување на самодовербата пред неделниот меч во Скопје против незгодната Романија.
Доколку бидеме први во групата со Косово и Романија, влегуваме меѓу 32-те најдобри селекции во Европа, кои ќе играат квалификации за пласман на Евробаскетот 2021 година, на кој ќе се појават 24 тима.