Корисничко име Лозинка Пријави се
11.7.2018

Марез во Сити за 60 милиони евра

Алжирскиот фудбалер Ријад Марез ќе ги засили редовите на Манчестер сити, актуелниот шампион на Англија, каде што ќе направи трансфер од поранешниот шампион на Премиер лигата, Лестер.

Приказната околу Марез и Сити конечно заврши, откако тој играч уште во зимата беше многу блиску до потпис со екипата од синиот дел на Манчестер, но тогаш работите се изјаловија.
Дваесет и седумгодишниот Алжирец е прво засилување на тимот на Пеп Гвардиола во летниот преоден рок, по убедливото освојување на титулата на Премиер лигата, а трансферот е вреден 60 милиони фунти.
Марез поднесе барање за трансфер по одбивањето на Лестер да го продаде во јануарскиот преоден рок, а челниците на „лисиците“ сега попуштија и Алжирецот, кој е еден од најдобрите офанзивни играчи на Премиер лигата, му го препуштија на ривалот за огромен паричен износ.
На Сити ова му е најскапо засилување во историјата на клубот, веднаш по дефанзивниот фудбалер Ајмерик Лапорт, кој во јануари 2018 година дојде од Атлетик Билбао за 57 милиони фунти, наведува Би-би-си.
Марез во Лестер дојде во 2014 година од Ле Авр само за 400.000 фунти, а сега кај „граѓаните“ е продаден за 150 пати поголема цифра.
Тој минатата сезона ја заврши со конто од десет асистенции, а интересно е тоа што пред него се најдоа само четворица фудбалери, а тоа се четворицата играчи од неговата нова екипа – Сане, Де Бројне, Силва и Стерлинг.
Пеп Гвардиола со овој потег осигури добра ротација во офанзивниот дел на редот за врска, нешто што сакаше да го направи уште од самиот почеток на сезоната 2017/18, но не успеа бидејќи го одби Алексис Санчес.
Италијанскиот фудбалер Жоржињо, моментно играч за врска на Наполи, веќе некое време е желба на Сити, но неодамна во трката се вклучи и Челзи, кој своите шанси за негово доведување значително ги подобри со доведувањето на Маурицио Сари на местото шеф на стручниот штаб.

Најнови вести