Корисничко име Лозинка Пријави се
04.7.2018

И тоа се случи, Англија конечно победи по изведување на пенали

Репрезентацијата на Англија е во четврт-финалето на Мундијалот откако по подобро изведување на пенали ја елиминираше Колумбија.

Составот предводен од Гарет Саутгејт многу подобро го почна натпреварот и диктираше темпо и во 16-тата минута преку Кејн се закани по центаршутот на Трипие, но со глава шутираше над голот на Оспина. 
До крајот на полувремето Англичаните продолжија со нападите, но не успеаја да создадат некоја посериозна шанса, а Колумбијците го имаа првиот удар во рамките на голот дури во судиското продолжение на првиот дел.
Ни на стартот од второто полувреме немаше многу промени во односот на силите, но во 56-тата минута Англичаните конечно успеаја да дојдат во водство. При еден корнер Кристијан Санчес долго се бореше со Кејн, судијата не сакаше да покаже на белата точка, но Колумбиецот не му остави избор откако буквално го јавна напаѓачот на Тотенхем.
Долго траеја протестите на Колумбијците кои бараа да се прегледа ВАР снимката, но американскиот судија остана доследен на својата одлука. Кејн ја намести топката и рутински го совлада Оспина. Тоа беше трет пенал кој Кејн успешно го изведе на првенството и сега веќе има шест голови на својот дебитантски настап на Мундијалите.
Селекторот на Колумбија брзо реагираше и го стави во игра Карлос Бака, но делуваше дека Колумбијците нема да дојдат до израмнување, а Англија беше поблиску до втор гол по брзите контри.
Сепак, во судиското продолжение резервистот Урибе со силен шут во горниот лев агол го натера Пикфорд на феноменална одбрана и тој ја одби топката во прв корнер за Колумбија на натпреварот. Од нафрлената топка стоперот на Барселона Јери Мина со глава го постигна својот трет гол на првенството, иако Трипие можеше и подобро да реагира на гол линијата.
Во додатните 30 минути и двете репрезентации имаа период на подобра игра, Колумбија во првото, а Англија во второто продолжение. Најдобрите шанси ги порпуштија Ерик Дајер и Радамел Фалкао, по што победникот мораше да биде решен на пенали.
Јунаци на Англичаните беа голманот Пикфорд и Дајер кој го погоди решавачкиот пенал. Пред тоа сигурни беа Фалкао, Кејн, Квадрадо, Рашфорд и Муриел, ударот на Хендерсон го одбрани Оспина, Урибе се реваншираше со удар во пречката, Трипие ја доведе Англија во водство, ударот на Бака го фати Пикфорд, а Дајер беше сигурен за историска победа на Англија која го скина проклетството на губитници во пенал сериите.
Англија со Шведска во сабота во 16 часот ќе се бори за пласман во полуфиналето.

Најнови вести