Корисничко име Лозинка Пријави се
02.5.2018

Навас го спаси Реал – „кралевите“ во Киев по 13-тата титула

Фудбалерите на Реал од Мадрид се пласираа во финалето на Лигата на шампионите по ремито со Баерн 2-2 во Мадрид. Актуелниот шампион на Европа ги елиминира Баварците со вкупен резултат 4-3.

Јунак на триумфот на Кралскиот клуб беше Кејлор Навас, кој со одличните одбрани ги неутрализираше одличните шанси на избраниците на Куп Хејнкес.
Двократен стрелец на Реал беше Карим Бензема, додека на другата страна погодоците ги постигнаа Џошуа Кимих и Џејмс Родригес, кој во Баерн игра на заем од редовите на шампионот на Европа.
Реал и Баерн одиграа исклучително возбудлив натпревар, во којшто тимот од Минхен имаше предност во шансите, но, за среќа на Мадриѓаните, Навас беше исклучително расположен на голот.
Гостите поведоа по помалку од три минути игра, кога Кимих ја искористи грешката на одбраната на Реал по центаршутот на Милер. Одговор од Реал следуваше по осум минути, кога Бензема со глава го совлада Свен Улрајх бидејќи одлично го пронајде Марсело.
До крајот на првото полувреме мрежите мируваа, иако имаше одлични шанси на двете страни, а во продолжението следуваше грешка која го обележа натпреварот. На самиот почеток на вториот дел, Корентен Толисо му испрати повратен удар на Улрајх, но топката му помина низ нозете, а на таму се најде Бензема и ја испрати во мрежата. Надеж на Баварците им даде Родригес со погодокот во 63-тата минута, но Навас секој пат беше на вистинското место кога фудбалерите на Баерн се обидуваа да го надмудрат до крајот на натпреварот.
Натпреварот го обележаа уште два детали, кога судијата Џунејт Чакир можеше да досуди пенал за Баерн, но не го направи тоа. Во едната ситуација Роберт Левандовски заврши на земја, а во другата Марсело очигледно играше со рака во казнениот простор.
Реал за одбрана на титулата ќе се бори со победникот на двомечот меѓу Ливерпул и Рома, во којшто „црвените“ по 90 минути игра, водат со 5-2. Натпреварот се игра вечерва, од 20.45 часот, на Олимпискиот стадион во Рим.
Кралскиот клуб на 26-ти мај во Киев ќе игра за 13-тата шампионска титула на Стариот Континент, а четврта во последните пет години.

Најнови вести