Корисничко име Лозинка Пријави се
26.3.2018

Фетел до првата победа во новиот шампионат во Формула 1

Германецот на патеката „Алберт парк“ дојде до 48-мата победа во неговата кариера и до стотиот подиум, бранителот на титулата Луис Хамилтон, како и минатата година, беше втор, а Раиконен трет.

Себастијан Фетел, четирикратниот светски шампион, славеше на патеката „Алберт парк“ во Мелбурн на отворањето на 69-тата сезона во Формула 1. За Фетел ова е 48-ма победа во кариерата и стоти подиум, а има освоено 2.450 поени.
Пласманот е како и минатата година, возачот на Ферари е прв, а бранителот на титулата Луис Хамилтон низ целта помина како втор. Одличниот ден за Ферари го надополни Финецот Кими Раиконен, кој се пасира на третото скалило на подиумот.
Многу добар резултат оствари и двократниот светски шампион од 2005 и 2006 година, Шпанецот Фернандо Алонсо од Мекларен, кој заврши на петтото место, а пред и зад него се најдоа возачите на Ред бул, Даниел Рикијардо и Макс Ферстапен.
Да не беа механичарите на Хас, трката ќе беше исклучително досадна. Момчињата од американскиот тим во два круга два пати заглавија во боксот (сè уште не се знае дали потфрлил истиот механичар или виновна е апаратурата), ги исфрлија од трката нивните возачи Магнусен и Грожан, на патеката прво го испратија виртуелното возило на безбедноста, а потоа и вистинското.
Токму тогаш Мерцедес се пресметуваше, го повлече Хамилтон за замена на пневматикот, а Ферари и Фетел низ боксот надополнија повеќе од пет секунди и дојдоа до првото место, кое до крајот не го испуштија.
Следната трка ќе се вози за две седмици во Бахреин, на патеката „Сахир“.

Најнови вести