Корисничко име Лозинка Пријави се
23.7.2018

Фетел се судри, Хамилтон славеше пред 165 илјади фанови во Хокенхајм

„Љубовта победува сè“, преку радиоврска изјави Луис Хамилтон (33), бранителот на титулата на Формула 1 по победата на трката во Хокенхајм. Тој славеше по четврти пат во сезоната, 66-ти во кариерата (125 подиуми), и го презеде водечкото место во шампионатот со предност од 17 бода (188-171) во однос на второпласираниот, Германецот СебастијанФетел од Ферари.

Британецот тргна од 14-тото место поради дефектот со болидот во квалификациите, но го послужи среќата, заврна, го исфрли водечкиот Фетел од Ферари во оградата, што ги разочара 165-те илјади навивачи.
Да нема непредвидливи околности, Формула 1 би била најдосадниот спорт на планетата. Нема тука натпреварувања, само наредби, како што беше и сега. Кими Раиконен на крајот беше трет, но во периодот кога беше прв, доби порака завиткана во обланда да го пушти Фетел да го престигне, а Финецот искоментира „Кажете ми отворено што сакате?“. И , му беше кажано!
Кога на крајот второпласираниот Ботас по повторниот старт во финишот, на десет круга пред крајот, го притисна клупскиот колега Хамилтон, беше на прагот да го престигне, веднаш во боксот искоментира: „Задржи ја позицијата која ја имаш!“
Во вакви околности, на крајот е и разбирлив триумфот на бранителот на титулата, четирикратниот шампион.
На почетокот на трката немаше престигнувања, на средината се откажа Рикијардо поради дефект, Хамилтон ги лупеше пневматиците додека не дојде до петтата позиција, а потоа почна да врне и сè се смени. Фетел во спорната кривина се заби во оградата, Хамилтон го засече влезот во боксот, но не беше казнет!? Потоа лесно остана на првото место бидејќи клупскиот колега Ботас му го штитеше грбот, а не смееше да го престигне.
Наредната трка, по едномесечната пауза во шампионатот, на програмата е во недела, за Големата награда на Унгарија, на патеката „Хунгароринг“.

 

Најнови вести