Корисничко име Лозинка Пријави се
14.2.2018

Нов дуел на Роналдо и Нејмар, Ливерпул на „Драгао“

По зимската пауза, продолжува борбата за трофејот во Лигата на шампионите, а денес на програмата се натпреварите меѓу Реал Мадрид и ПСЖ и меѓу Порто и Ливерпул.

Вчера беше интересно, фудбалерите на Јувентус и на Тотенхем ремизираа 2-2 по драмата во Торино, додека Манчестер сити убедливо славеше во Базел со 4-0 во првите натпревари од осминафиналето на Лигата на шампионите.
Дерби на осминафиналето е дуелот меѓу бранителот на титулата Реал Мадрид и ПСЖ, кој е еден од претендентите да го наследи на тоа место, со посебно внимание на најголемите ѕвезди Кристијано Роналдо и Нејмар.
Нејмар, најскапиот фудбалер во историјата со 222 милиони евра, само по седум одиграни натпревари, се враќа во Шпанија, каде што со голем успех го носеше дресот на Барселона, но сега на теренот на најголемиот ривал – во Мадрид.
Интересно е тоа што бразилскиот напаѓач, стрелец на 28 погодоци во оваа сезона, токму пред средбата на двата тима се доведува во врска со трансфер во Реал, што би можело да биде мотив повеќе да покаже, покрај успехот во ПСЖ, зошто има амбиции токму Роналдо да го замени на местото најдобар играч на светот, можеби дури и во Кралскиот клуб.
„Имаме многу големи фудбалери, но наш лидер на теренот е Нејмар“, изјави Унаи Емери повикувајќи го Нејмар да се покаже во најдобар стил на стадионот „Сантијаго Бернабеу“.
Главна опасност на кревката одбрана на ПСЖ е Роналдо, кој направи одлична увертира во неговото омилено натпреварување постигнувајќи хет-трик во претходната победа над Реал Сосиедад со 5-2.
„Секогаш гледам да бидам на високо ниво, но некогаш работите не се какви што сакаме да бидат“, изјави Роналдо, рекордерот со 114 погодоци во елитното натпреварување.
Во сенката на тој дуел, ќе се сретнат Порто и Ливерпул на „Драгао“, на теренот на моменталниот лидер во португалското првенство.
Јасно е дека фаворитот Ливерпул, и покрај тоа што игра променливо оваа сезона, никако не смее да ја потцени екипата со големо искуство во завршницата на Лигата на шампионите.

Најнови вести