10.10.2016 Розберг најбрз во Јапонија, титулата за Мерцедес
Германскиот возач Нико Розберг победи на трката за Големата наградана Јапонија во Формула 1, која вчера утрото беше возена во Сузука, и го зацврсти водството во генералниот пласман.
Розберг со четвртиот триумф во последните пет трки, вкупно 23-ти во кариерата, на Мерцедес му ја донесе третата последователна титула во конкуренција на конструкторите.
Второто место го освои Макс Ферстапен од Ред Бул, а третото Луис Хамилтон, исто така од Мерцедес.
Некогашните шампиони Себастијан Фетел и Кими Раиконен од Ферари ги зазедоа петтото и шестото место, а бодови освоија и Даниел Рикијардо од Ред Бул, Серхио Перез и Нико Хилкенберг од Форс Индија и Фелипа Маса и Валетери Ботас од Вилијамс.
Розберг во генералниот пласман има 313 бодови, 33 повеќе од Хамилтон, додека трет е Рикијардо со 212.
На четири трки пред крајот, Мерцедес ја обезбеди титулата во конкуренција на конструкторите, води со 559 бода, пред Ред Бул со 385 и Ферари со 335 бодови.
Наредната трка се вози во САД, на 23-ти октомври.