Корисничко име Лозинка Пријави се
27.10.2011

Сè поблиску до договор во НБА

Сопствениците на НБА-екипите и унијата на играчите направија значителен чекор во преговорите околу една од клучните точки, што би можело да доведе до завршување на локаутот.

Како што рече за американските медиуми еден неименуван извор кој бил дел од разговорите, двете страни вчера вечерта ги продолжиле преговорите, но овој пат со помеки преговарачки ставови и со нескриена желба штрајкот што побргу да заврши.

Преговорите траеја 14 часови, а најголем напредок има околу прашањето за „салари капот“, едно од двете клучни прашање кои се заслужни за одложување на стартот на сезоната. Вториот проблем во преговорите е поделбата на „колачот“, кој во претходниот колективен договор изнесуваше 57-43 во корист на играчите. Овој пат сопствениците на клубовите бараа поделба на 50-50.

Преговорите продолжуваат, а дека нешто сепак се случува говори и податокот дека Леброн Џејмс, Кармело Ентони и уште неколку големи имиња на лигата, кои планираа со Ол стар-тимот да отпатуваат на турнеја низ светот, дефинитивно го откажаа своето учество на таа манифестација.

Сега останува да се види дали локаутот ќе биде завршен за неколку дена, што значи дека НБА-лигата би можела да почне пред божиќните и новогодишните празници и маркетиншки да вратат дел од популарноста поради сè што се случуваше претходните месеци.

Најнови вести