Корисничко име Лозинка Пријави се
06.2.2016

Пелегрини: Дуелот со Лестер нема да ја реши титулата

Овој викенд се игра еден од клучните натпревари во борбата за титулата во Премиер лигата, неочекуваниот лидер Лестер му гостува на Манчестер сити.

„Лисиците“ имаат три бодови повеќе од „граѓаните“ пред 25-тото коло, а во првиот дуел кон крајот на декември ремизираа без голови.
„Сè уште не е најголемиот натпревар сезонава, можеме да победиме или да го загубиме овој натпревар, но Премиер лигата нема да биде решена. Имаме во опсег уште 39 бодови“, изјави менаџерот на Сити, Мануел Пелегрини.
Пелегрини го спореди тимот на Лестер со екипата на Вилјареал која под неговото водство стигна до полуфиналето на Лигата на шампионите во 2006 година.
„Во фудбалот не прават секогаш парите разлика, нормално е дека мораш да купуваш играчи ако сакаш титула, но секоја година има изненадување. Во Лестер сите мислат и прават иста работа истовремено, тоа може да им конкурира на парите“, изјави Пелегрини.
Менаџерот на Сити ја истакнува предноста на Лестер со помалиот број на натпревари во однос на останатите ривали и изостанувањето на повредите, па Клаудио Раниери може секој викенд да игра со истиот тим.
„Не знам дали може да се спореди со она што ние го сторивме со Вилјареал, но многу е слично. Бевме втори во Примера и во полуфиналето на Лигата на шампионите. Можеби Лестер не е тим кој има голем посед на топката, но одлично се брани и со многу концентрација и брзина во играта на контра нападот. Како менаџер да имаш толку посветени играчи, тоа е најважната работа“, заклучи Чилеанецот.
Пелегрини на натпреварот денес нема да може да смета на Хесус Навас, кој ќе паузира најмалку три седмици, како ни на капитенот Винсан Компани, иако Белгиецот се врати на тренинзите со првиот тим.

Најнови вести