Корисничко име Лозинка Пријави се
15.8.2013

Марион Бартоли се пензионира

Французинката Марион Бартоли, победничката на овогодинешното издание Вимблдон, го шокираше тенискиот свет вчера со објавата дека престанува да игра.

Француската тенисерка оваа одлука им ја соопшти на медиумите веднаш откако во три сета беше поразена од Симона Халеп во Синсинати.
Бартоли објасни дека се повлекува поради константни проблеми со повреди.
„Не е лесно да се каже ова, никогаш не сакате да дојде дотука, но едноставно е така. Ова беше последниот меч во мојата кариера. Време е да се повлечам од спортот“, изјави Бартоли.
Повредите ја мачеа со години.
„Целото тело ме боли по 45 минути игра. Поради тоа знам дека мора да прекинам“, додаде француската тенисерка.
Моментот не можеше да биде посоодветен, само по месец и пол по најславните моменти во кариерата – освојувањето на Вимблдон.
„Сега сите ќе се сеќаваат на тој Вимблдон, а никој нема да го памети мојот последен меч. Мислам дека во Лондон го исцедив последниот грам сила“, изјави Бартоли.
Бартоли во финалето на Вимблдон против Забине Лизики изгуби само пет гемови и успеа во она што го пропушти во 2007 година, кога против Венус Вилијамс освои пет гемови во финалето.
Марион на домашен терен стигна до едно полуфинале на Ролан Гарос, со по едно четврт-финале на преостанатите два грен слема.
Освои уште седум титули во сингл и три во двојки, а се повлече на седмата позиција на ВТА, што воедно е и најдобриот пласман во нејзината кариера.
Родена е на втори октомври 1984 година на Лоара, во семејство доселено од Корзика. Бартоли почна да игра тенис на шест години, професионалка стана на 16, а првиот трофеј го освои шест години подоцна во Оукланд.
Најуспешни сезони ѝ беа 2006 година, кога ги освои првите три титули, и 2011, кога покрај двата трофеи, играше уште три финалиња и ВТА шампионатот. Во октомври 2011 година го освои турнирот во Осака, по кого единствен трофеј ѝ е неодамнешниот Вимблдон. Пред победата на југозападот на Лондон, цела година не стигна до финале на ниту еден турнир.
Во кариерата заработи малку повеќе од 11 милиони долари.

Најнови вести