Корисничко име Лозинка Пријави се
30.6.2011

Цонга „Можам да го освојам ’Вимблдон’“

Најголемата сензација на овој турнир ја направи францускиот тенисер Жо-Вилфред Цонга, кој во четврт-финалето го совлада Роже Федерер, па сега, во полуфиналето ќе ги одмери силите со Новак Ѓоковиќ, кој со многу мака славеше над младиот Австралиец Бернард Томиќ.

Веднаш по победата над Федерер, Цонга изјави: „Мислам дека сега сум психички постабилен, променив многу во мојата игра и тоа се забележа токму на овој меч. Зошто да не би можел да го освојам „Вимблдон“? Многу пати сум играл со Новак и секогаш ме победувал, но време е и тоа да се промени“.

Ѓоковиќ, иако засега е стабилен, покажа дека има огромни падови во играта, кои резултираа со губење на вториот сет од Томиќ и тешка борба во наредните два.

Другиот полуфинален меч е меѓу првиот носител Рафаел Надал и Енди Мареј, кои вчера без некои поголеми проблеми славеа над Марди Фиш, односно Фелицијано Лопез.

Полуфиналните натпревари ќе се одиграат утре, а финалето е закажано во недела. Дали ќе има промени на врвот на АТП-листата или, пак, сè ќе остане онака како што е, можно е да се дознае уште утре.

Најнови вести