Корисничко име Лозинка Пријави се
08.9.2018

Ѓоковиќ против Дел Потро во финалето на САД Опен

Србинот без проблеми со 3:0 го победи Нишикори, а Рафаел Надал го предаде мечот против Аргентинецот

Новак Ѓоковиќ и Хуан Мартин дел Потро ќе играат во финалето на гренд слемот во Њујорк, популарно како Отворено првенство на САД. Некогаш најдобриот тенисер во светот, Ѓоковиќ во три сета го победи Кеи Нишикори од Јапонија, додека Аргентинскиот тенисер не го доигра својот меч против Рафаел Надал, откако актуелниот број 1 на АТП листата се предаде поради повреда на коленото.
На Ѓоковиќ му беа потребни околу два часа и 20 минути за да обезбеди ново финале во Њујорк. Србинот одлично го започна мечот и уште во првиот гем направи брејк и тоа беше доволно за да го добие првиот сет со 6:3. Во вториот сет Ѓоковиќ продолжи со сигурната игра и го доби со 6:4, а третиот едноставно беше рутина да се зададе завршниот удар и лесно со 6:2 стигна до убедливи 3:0 во сетови. 
Хуан Мартин дел Потро прв обезбеди место во финалето и тоа по само два одиграни сета. Рафаел Надал немаше сили и мораше да го предаде мечот, откако Аргентинецот поведе со 2:0 во сетови. Во првиот сет се водеше „војна“ и тај-брејкот решаваше. По повеќе од еден час игра, Дел Потро го доби со тај-брејкот со 7:3. Аргентинецот продолжи со добрата игра и во вториот сет, додека Надал се мачеше со коленото и се обидуваше да даде достоен отпор. Шпанецот беше истоштен од претходниот дуел против Димоник Тим, кога одигра пет сета, па немаше кога да закрепне и доволно добро да се одмори за следните напори. 
На крајот, вториот сет заврши со 6:2 во корист на Дел Потро, а Надал реши да го „фрли пешкирот“ и да ја предаде средбата. За Надал ова е трет пат во кариерата да се откаже во тек на играта, на гренд слем турнир. 

 

Најнови вести