Корисничко име Лозинка Пријави се
04.9.2018

Федерер по елиминацијата во Њујорк: Не можев да дишам, едвај чекав да дојде крајот

Роже Федерер е елиминиран на Отвореното тениско првенство на САД на сензационален начин од 55-то рангираниот светски тенисер Џон Милман, а има интересно објаснување за причинита за поразот.

Најтрофејниот светски тенисер со Гренд слем титули, Роже Федерер вели дека едвај го преживеал спарното време во Њујорк и дека тоа е главната причина за сензационалниот пораз од Џон Милман. Австралиецот со пресврт го победи Федерер и ќе игра со Новак Ѓоковиќ за полуфинале.

„Не можев да дишам. Како да немаше воздух во Њујорк додека игравме. Ова ми се случува за првпат во кариерата. Условите за игра беа ненормални. Како што одминуваше мечот, сè повеќе се потев и губев здив. Едвај чекав да заврши мечот. Му честитам на Џон на победата. Тој е од Бризбејн, град со  веројатно најголема влажност во воздухот и за него условите беа речиси идеални. Подобро се снајде и заслужено победи“, изјави Федерер. 
За него ова е прв пораз на Отвореното првенство на САД од тенисер кој не е рангиран во топ 50, а досега против такви играчи имаше биланс од 40-0. Патем, Федерер ќе нема шанса да освои нов трофеј во Њујорк, што би бил шести за него на Отвореното првенство на САД и прв од 2008 година. Петте што ги има досега ги нанижа речиси во еден здив со триумфален поход од 2004 до 2008 година. Тој е најтрофеен во историјата на тенисот со 20 Гренд слем титули, но има 37 години и според експертите, можно е поразот од Милман да му е последен меч во Њујорк, на Отвореното првенство на САД.

 

Најнови вести