Корисничко име Лозинка Пријави се
12.9.2011

Стосур го освои Њујорк

Австралиската тенисерка Саманта Стосур триумфира на Отвореното првенство на САД откако во финалето ја совлада Американката Серена Вилијамс со 6:2, 6:3.

Стосур го освои својот прв грен-слем, односно третиот ВТА-трофеј во кариерата, откако претходно победи на турнирите во Чарлстон и Осака. Моментно десеттата тенисерка на светот од денес ќе ја преземе седмата позиција на ВТА-листата.
До најголемиот успех во кариерата Австралијката дојде многу лесно. Ја пронајде формулата за успех против фаворизираната Американка играјќи трпеливо и прецизно, но работата ја олесни и Вилијамс, која направи невообичаено голем број грешки. Со силните удари и сигурниот сервис Стосур многу брзо го доби првиот сет, а во вториот пресвртница направи во седмиот гем, кога со брејк дојде до предност од 4:3.
Вилијамс се обидуваше да се врати во мечот, но кај неа ништо не тргнуваше од рака, така што Австралијката на крајот славеше сосема заслужено.
Дваесет и седумгодишната Стосур е првата Австралијка победничка на Отвореното првенство на САД од 1973 година, кога триумфира Маргарет Корт. Последна тенисерка од таа земја која победила на некој грем-слем турнир беше Ивон Гулагонг во 1980 година на „Вимблдон“.
Титулата во женски двојки на овогодинешниот грем-слем во Њујорк им припадна на Американките Лајзел Хубер и Лизи Рејмонд, кои во финалето ги совладаа земјачката Вања Кинг и Јарослава Шведова од Казахстан со 4:6, 7:6 (7:5), 7:6 (7:3).
Машкото финале меѓу Србинот Новак Ѓоковиќ и Шпанецот Рафаел Надал на програмата е денес од 22 часот по наше време.

Најнови вести