22.12.2015 Боатенг се враќа на „Сан Сиро“ во јануари
Извршниот директор на фудбалскиот клуб на Милан, Адријано Галијани, изјави дека во јануари ќе го доведе Кевин-Принс Боатенг кој е слободен играч.
Шалке во мај го отпушти Боатенг поради како што наведе клубот, изгубената доверба, и од тогаш репрезентативецот на Гана не е во игра.
„Ние на 4 јануари ќе го регистрираме договорот на Боатенг во Серијата А и од тогаш ќе и биде на располагање на нашата екипа“, изјави Галијани за италијанскиот „Скај“.
Боатенг својата кариера ја започна во Херта, од каде во 2007 година замина во Тотенхем, а во 2009 година отиде како позајмен играч во Борусија Дортмунд. Тој во сезоната 2009/2010 играше за Портсмут, од каде пак замина во Милан, а три години подоцна отиде во Шалке.
За репрезентацијата на Гана дебитираше во 2010 година и до сега одигра 15 натпревари и постигна два гола.