Корисничко име Лозинка Пријави се
11.10.2011

Франк Арнесен нов тренер на Хамбургер

По повеќеседмичната неуспешна потрага за нов тренер, Франк Арнесен, спортскиот директор на Хамбургер, одлучи на клупата да се постави самиот себе.

Хамбургер е без тренер откако на 19-ти септември му даде отказ на Михаел Енинг. Оттогаш на клупата седеше Родолфо Кардосо, кој претходно работеше во младинскиот погон на клубот. Меѓутоа, Аргентинецот ја нема потребната тренерска лиценца за водење клуб во Бундеслигата, а обидите за да ја добие дозволата беа неуспешни.
Исто така, неуспешни беа и преговорите со неколку тренери. Последен во низата што ја одби работата во Хамбургер беше Торстен Финк, тренерот на Базел, па 55-годишниот Арнесен повеќе немаше избор. Одлучи, покрај функцијата спортски директор, да ја преземе и тренерската, така што ќе има иста улога како Феликс Магат во Волфсбург. Помошници на Данецот ќе му бидат споменатиот Кардосо и Франк Хајнеман.
На Арнесен двете функции му се познати бидејќи со години работеше во Англија (Тотенхем, Челзи), каде што тоа е сосема вообичаено. На Данецот главна задача ќе му биде да го подигне клубот од бездната, бидејќи по осум кола се наоѓа на последното место на табелата од Бундеслигата.
Сепак, можно е Арнесен на клупата да остане само привремено, додека не пронајде задоволително решение за тренер.

Најнови вести