Корисничко име Лозинка Пријави се
17.3.2015

Арсенал по чудо во Монако

Екипата од Лондон ќе има тешка задача, со оглед на тоа дека на „Емирати“ беше поразена со 3-1. Досега ниту еден тим во Лигата на шампионите не успеал да го надополни поразот од два гола разлика на домашен терен.

Арсен Венгер се враќа на местото каде што ги направи важните тренерски чекори, тој екипата на Монако ја водеше од 1987 до 1994 година. Францускиот стручњак верува дека Арсенал може да направи подвиг.
Монако оваа сезона во Лигата на шампионите на свој терен прими само три гола, а во Лига 1 врза два триумфи. И Арсенал игра сè подобро во Премиер лигата, каде што има пет последователни победи и се наоѓа на третата позиција.
Венгер верува дека неговата екипа на овој натпревар може да направи нешто посебно.
„Згрешивме во првиот натпревар, а сега имаме шанса да се поправиме и ќе дадеме сè од себе. Монако е фаворит, таму одиме да се обидеме да направиме нешто посебно и верувам дека го можеме тоа. Искрено, би сакал да победиме со 3-0, но немаме избор. Во животот, ако направиш голема грешка, нема враќање. Во фудбалот тоа е можно, има втора шанса. Дали Монако е под притисок? Можат да изгубат. Тие веќе победија, но и понатаму може да изгубат. Имаме доволно искуство да знаеме дека вечерва многу зависи од нашата игра“, изјави Венгер.
Леонардо Жардим, тренерот на Монако, изјави дека за победата на неговиот тим во првиот натпревар заслужен е исклучиво квалитетот, а не потценувањето и среќата.
„Во оваа фаза од натпреварувањето сите тимови ги гледаат другите на ист начин. Не мислам дека Арсенал нè потценил и дека поради тоа сме имале среќа во првиот натпревар. Ние бевме тие коишто одигравме одличен натпревар во Лондон“, изјави Жардим.
„Кога играте против тим каков што е Арсенал, ви се заканува опасност од сите страни, бидејќи тие поседуваат голем број квалитетни играчи. Мораме да одиграме како и во првиот натпревар ако сакаме да се пласираме понатаму“, додаде Жардим.

Најнови вести