31.8.2018 Монако доведе играч од Шампионат лигата
Насер Шадли е ново име на „кнезовите“
Белгискиот репрезентативец Насер Шадли е новото засилување на францускиот вицепрвак Монако. Доскорешниот фудбалер на ВБА потпиша тригодишен договор со „кнезовите“, додека за неговиот трансфер Монако исплати 10 милиони евра.
Дваесет и деветгодишниот крилен играч имаше неколку впечатливи настапи за белгиската репрезентација на Светското првенство кои го доведоа до овој трансфер, бидејќи со тимот на Вест Бромвич не се прослави откако минатата сезона претрпе елиминација од Премиер лигата. Шадли пред две години стана член на ВБА по неславната авантура во Тотенхем, каде што одигра 37 првенствени мечеви.
„Среќен сум што добив шанса да играм за олку голем клуб. Фактот дека Монако игра во Лигата на шампиони ме привлече. Клубот напредува секој ден, а јас ќе дадам сѐ од себе за овој тим да продолжи да реди успеси“, истакна Шадли за официјалната веб-страница на Монако.