Корисничко име Лозинка Пријави се
17.6.2014

Демпси продолжил да игра и со скршен нос

Клинт Демпси, капитенот на Соединетите Американски Држави, го скрши носот во првото полувреме од натпреварот со Гана, но стоечки ги поднесе болките и ја заврши средбата.

Демпси ги доведе Американците до водство уште по 34-тата секунда од натпреварот, а неговиот тим на крајот триумфираше со 2-1.
Американскиот фудбалер се повреди во првото полувреме по случајниот судир со Џон Бој, дефанзивниот играч на Гана, а иако во последните моменти се тетеравеше и имаше проблеми со дишењето, прогласен е за најдобар играч на натпреварот.
„Мислам дека носот е скршен. Имав проблеми со дишењето, а неколку пати искашлав и крв. Но, се чувствував добро и продолжив да играм. Малку бев уморен, но се надевам дека наскоро ќе почнам нормално да дишам и веќе се радувам на следниот натпревар“, изјави Демпси.
Јирген Клинсман, селекторот на САД, изјави дека не постои шанса дека 31-годишниот Демпси ќе го пропушти натпреварот со Португалија во Манаус, кој се игра во сабота.
„Клинт едноставно мора да заборави на проблемот со носот. Ќе го боли неколку дена, знам, својот го скршив три или четири пати во текот на кариерата, но ќе биде во ред. Повредите ќе продолжат да им се случуваат на сите тимови, тоа е нормално“, изјави Клинсман.

Најнови вести