Корисничко име Лозинка Пријави се
26.8.2018

Зошто Федерер цела деценија не го освоил САД опен?

Швајцарецот има пет титули на „Флешинг Медоуз“, но последната пред десет години

Од 20-те гренд-слем титули кои ги има освоено во кариерата, на Роџер Федерер пет му се во Њујорк, на Отвореното првенство на САД, но последен пат победничкиот пехар на овој турнир на тврда подлога го крена пред дури 10 години. 
Швајцарецот беше непобедлив на терените на „Флешинг Медоуз“ од 2004 до 2008 година, но оттогаш, веќе не го крена трофејот. 
„Треба да анализирам година по година. Во 2009 во финалето требаше да победам против Дел Потро, а после имав две брутални полуфиналиња против Ѓоковиќ, кои ги губев, иако испуштав меч-топки. Ако го победев Ѓоковиќ барем еднаш, ќе имав добри шанси во финалињата со Надал. Во 2015, играв финале, во кое Ѓоковиќ беше малку подобар од мене, во 2016 и 2017 не играв поради повреди. Еднаш загубив од Робредо бидејќи имав повреда на грбот, а еднаш загубив од Бердих кој беше одличен на тој меч“ – се присетува Федерер.
Федерер кажува и како е да се игра на стадионот „Артур Еш“.
„Порано имаше многу ветер, а сега кога ставаат покрив, неверојатно е топло и гласно. Подлогата е брза и играта зависи од концентрацијата“ – додава еден од најдобрите тенисери во историјата.