Корисничко име Лозинка Пријави се
10.6.2014

Инзаги: Ќе дадам сè за Милан

Филипо Инзаги, новиот тренер на Милан, на промоцијата пред новинарите изјави дека ќе даде сè на новата функција, на која ја замени другата легенда на клубот – Кларенс Сидорф.

„Многу сум среќен, ова е незаборавен ден за мене. Им благодарам на претседателот Берлускони и на целиот клуб за довербата и за оваа престижна шанса која ми ја дадоа. Ќе дадам сè за овие бои, со посветеност, страст и одлучност, како што го работев тоа додека бев играч или тренер на подмладокот“, изјави Инзаги.
Милан објави дека со Инзаги потпишал двегодишен договор, до 30-ти јуни 2016 година.
Сидорф беше тренер само четири месеци, а имаше договор на две и пол години. Холанѓанецот во јануари го замени Масимилијано Алегри. Милан сезоната ја заврши на осмото место во серија А, а во пролетниот дел забележа 11 победи во 19 натпревари.
Инзаги досега го водеше подмладокот на Милан, но и претходно се зборуваше дека ќе ги преземе „росонерите“. Тој досега никогаш нема водено прв тим, како ни Сидорф.
Инзаги помина 11 сезони во Милан, освојувајќи две шампионски титули на Италија и две на Лигата на шампионите. Претходно четири сезони помина во Јувентус, со кого, исто така, беше шампион на Италија.
„Почестен сум и горд што ќе бидам тренер на тимот кој ми беше живот толку години, тимот со којшто делев незаборавна радост и емоции“, додаде Инзаги, кој во август ќе наполни 41 година.
Поранешниот центарфор беше член на репрезентацијата на Италија која победи на Светското првенство во 2006 година.


Најнови вести